Голема граѓанска прослава: Одиме напред! Македонија во НАТО и ЕУ
Општина Штип и градоначалникот, Благој Бочварски, изразуваат задоволство за големата граѓанска прослава која се одржа во сабота на плоштад „Слобода“ по повод поканата за влез на Македонија во НАТО и добиениот датум за преговори со ЕУ. Голем број граѓани на Штип имаа можност заедно да го прослават историскиот успех на нашата земја. Вредноста на историскиот момент е препознаена ширум земјава. Општина Штип даде поддршка и помош за прославата да помине во најдобар ред, а музичарите со нивниот професионален однос и ангажман ги забавуваа граѓаните до доцна во ноќта. Граѓаните прославија за досегашните успеси, но и за продолжувањето на успешната приказна која обезбедува слобода, безбедност и економски раст. Застануваме рамо до рамо со најсилните земји во Европа и светот, цврсто во одбрана на правото на сопствен став. Доаѓа време на подобар живот за сите граѓани, овде, во нашата земја.

Заврши Балканскиот шампионат во одбојка нa песок до 22 години
Заврши Балканскиот шампионат во одбојка нa песок до 22 год. Победник во машка конкуренција е тимот на Молдавија, а во женска конкуренција тимот на БИХ. Честитки до сите учесници за остварените резултати. Штипската публика уште еднаш докажа дека е вистински поддржувач на спортот. Благодарност до сите оние кои овие три дена го збогатија спортскиот живот во Штип.

Одбележан ден на загинување на првоборката Вера Циривири – Трена
Вчера градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски, присуствуваше на одбележување на денот на загинување на првоборката Вера Циривири – Трена. И после 74 години од нејзината смрт, споменот за храброста на оваа народна хероина, но и нејзините идеи за слобода и рамноправност сѐ уште живеат и се вредности коишто го обликуваат нашето секојдневие. Вера на само петнаесет години ја започнала нејзината револуционерна дејност и посветеност на народноослободителната борба на нашата земја. Вера Циривири – Трена загина млада, но во нејзиниот краток живот таа остави траен печат во македонската историја. Таа учествувала во омасовувањето на НОВ и СКЈ, а исто така и го организирала испраќањето на делегатите на Првото заседание на АСНОМ. Нејзината целосна посветеност на народноослободителната борба, ослободувањето на Македонија и поставувањето темели на независноста и сувереноста на нашата земја оделе до таму што Вера свесно се жртвувала себеси и не се сокрила во некоја од куќите во кои се наоѓале скриените партизани, за да ги заштити. Вера Циривири – Трена е значајна личност која покажа како се сака татковината и како истата се штити од домашни и странски злонамерници. Самопожртвуваноста на Вера Циривири – Трена и нејзините соборки била наградена во 1945 година, кога не само Македонија за прв пат станува суверена и независна држава, туку и жените за прв пат добиле право на глас, а женските права станале дел од Уставот на СФРЈ, што означило родова рамноправност во сферите на државниот, економскиот и општествено-политичкиот живот. Огромен е нашиот долг кон овие жени пред кои фашистичкиот окупатор и непријател треперел. Штип и штипјани ќе продолжат да го одржуваат споменот на прилепчанката Вера Циривири – Трена и со почит и пиетет да се сеќаваат на Народноослободителната борба и најсветлиот дел од македонската историја.

Дневни активности на јавни претпријатија
Денеска ЈП „Стипион 2011“ ќе работи на:
– Реконструкција на тротоар на Бул. ЈНА
– Реконструкција на мал плоштад пред пензионерски дом
– Тампонирање на ул. во железничка
– Санирање на ограда на игралиште во Пребег
– Замена на сијалици во градот
– Обележување хоризонтална сигнализација