Комуналци и пожарникари од Струмица со денови се борат против стихијата на депонијата Шапкар, која не е под исклучива надлежност на Општина Струмица, сепак со многу напор и труд е ставена под контрола. Останува проблемот со чадот, кој е најголемата опасност за воздухот што го дишеме, објави градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.
-Во овие денови, без да бараме дозвола или помош од државата, нашите луѓе од ЈПКД Комуналец и ТППЕ Струмица покажаа што значи одговорност и посветеност. Работат деноноќно. Сами. Без извештаи, без камери. Само со работа и совест. До денес направени се пресеци за да не се шири чадот и загадувањето. Однесени се над 4.000 м³ песок, што е околу 400 полни камиони. Ниту една државна институција не излезе на терен. Ниту поддршка, ниту збор. Но тоа нема да нè поколеба. Ние знаеме зошто сме тука – за народот. Благодарност до секој вработен од Комуналец и Противпожарната единица. Не е само ваша обврска, но го работите тоа со срце. Вие сте тие што го штитат здравјето на струмичани. Благодарност и до приватните компании што излегоа во пресрет. Кога државата молчи, добриот народ зборува со дело, соопшти Костадинов.
Во исто време Костадинов на граѓани им порачува дека им е оправдана загриженоста, но дека е работи и нема да се застане додека не се заврши работата до крај.
-Ние не сме тие што чекаат. Ние сме тие што дејствуваат. И кога никој не помага – Струмица сама си се брани, е ставот на Костадинов.
На депонијата Шапкар отпадот го депонираат три општини – Струмица, Босилово и Василево. Иако надлежноста треба да е на трите општини, чуварската служба и дел од одржувањето е на товар на Општина Струмица. Депонијата е на територијата на Општина Василево, додека земјиштето е на јавното претпријатие Национални шуми, подружница Беласица. Од струмичкото комунално претпријатие „Комуналец“ соопштуваат дека за справувањето со оваа стихија имаат вложено над милион и пол денари за гаснење на пожарот, а упатија повик и другите општини да се вклучат во интервенцијата.