Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, денес оствари прием на ракометарките на РК Астибо – категорија Пионери, по повод нивниот значаен успех и освоеното трето место на Државното првенство.
Во пријатна и мотивирачка средба, градоначалникот Јорданов им упати искрени честитки на младите спортистки и стручниот тим за посветената работа и за резултатот што претставува гордост на Штип.
„Вашиот успех е доказ дека со труд, дисциплина и тимска работа може да се постигнат големи нешта. Преку спортот не само што се гради физичка подготвеност, туку се зацврстуваат карактерот, одговорноста и колективниот дух – вредности кои ве подготвуваат за животот и ви го трасираат патот кон зрелоста и успехот, токму овде, дома, во нашиот Штип”, порача Јорданов.
Тој ги поттикна клубот и раководството да аплицираат на отворениот повик на Општина Штип за финансиска поддршка и стимулирање на спортот, со цел да обезбедат дополнителни ресурси за развој и напредок. Дополнително, градоначалникот ја истакна реконструкција на спортската сала во ОУ „Тошо Арсов”, каде што тренираат и настапуваат ракометарките на Астибо, потенцирајќи дека реконструкцијата ќе опфати замена на подлогата и обнова на трибините, со што ќе се создадат поквалитетни услови за тренинг и натпреварување.
Општина Штип останува посветена на поддршката на младите и на спортските колективи, кои се носители на позитивни вредности и идни амбасадори на нашиот град, истакна Јорданов.