Со старт на подготвителните активности, денеска официјално започна реконструкцијата на двете важни улици во Штип – „Цар Самоил“ и „Радански пат“. Градоначалникот Иван Јорданов информираше дека асфалтирањето на овие сообраќајници ќе се одвива во текот на наредните денови, при што за проектот се издвоени нешто повеќе од два милиони денари.

„Денеска започнаа работите на терен за подготовка на улиците. Покрај улицата ‘Цар Самоил’, која претходно беше позната како ‘Косовска’, ќе се реконструира и ‘Радански пат’ – улицата што го поврзува Основното училиште ‘Гоце Делчев’ со ‘Цар Самоил’. Очекуваме во следните неколку дена да биде завршено асфалтирањето,“ изјави Јорданов.

На денешната прес-конференција, градоначалникот нагласи дека локалната самоуправа работи со интензивно темпо на унапредување на патната инфраструктура, не само во централните делови, туку и во сите населби во општината.

„Продолжуваме со реализација на инфраструктурни проекти во секоја населба, согласно барањата на граѓаните. Верувам дека оваа година ќе успееме да ги реализираме сите планирани активности,“ додаде тој.

Паралелно со реконструкцијата на овие улици, Јорданов информираше дека се изведуваат градежни активности и на други локации во Штип, вклучувајќи асфалтирање на дополнителни улици, уредување тротоари, пристапи до станбени згради и изградба на нови паркинг-простори.