Во свечена атмосфера денес во Штип беа наградени најуспешните ученици од основните и средните училишта. Вкупно 12 ученици се закитија со титулата првенец на генерацијата, од кои седум од основните и пет од средните училишта. Овој настан е организиран од Општина Штип по трет пат, со цел да се оддаде признание на извонредниот труд и знаење што учениците го покажале во текот на своето образование.
Градоначалникот Иван Јорданов нагласи дека ова е симболично чествување на знаењето и посветеноста, кое има за цел да ги поттикне младите да продолжат по патот на успехот.
„Со оваа иницијатива сакаме да го истакнеме и наградиме вложениот труд на нашите ученици, но и да ги мотивираме да продолжат да напредуваат и понатаму“, рече Јорданов.
Оваа година беа воведени и неколку новитети. За првпат бројот на наградени ученици е зголемен, а и износот на ваучерите со кои се наградуваат. Како што истакна Емилија Николова од одделението за образование, наместо досегашните девет првенци, сега има 12, а вредноста на наградите е зголемена од 5.000 на 10.000 денари.
„Сметаме дека секое вложување во младите е инвестиција во иднината на нашиот град и држава. Ова признание не е само симболично, туку има и практична вредност за учениците“, нагласи Николова.
Наградените ученици велат дека ваквото признание им значи многу и ги охрабрува да продолжат со истата упорност и во следните предизвици.
„Оваа награда е потврда за сè што сме постигнале досега. Благодарни сме на наставниците, родителите и општината за поддршката“, изјавија дел од наградените.
Првенците на генерацијата се истакнале не само со одличен успех во училиштето, туку и со учество на натпревари од национално и меѓународно значење, носејќи успеси за себе, но и за својот град и држава.