Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, денес оствари прием на младите фудбалери од ФК „Брегалница Кидс”, генерации 2012 и 2014, по повод нивното учество на Државното првенство и освоените високи пласмани.
На првенството, четири генерации од клубот постигнаа извонреден успех освојувајќи први места, што претставува голем спортски резултат и потврда за квалитетната работа со младите категории во клубот. Особено внимание привлече успехот на генерацијата 2014, која го освои третото место на државниот натпревар, како и четвртото место на генерацијата 2012, освоено во исклучително силна конкуренција од над 150 екипи од сите региони на државата.
Градоначалникот упати честитки до фудбалерите, нивните тренери и семејствата:
„Спортот не гради само шампиони на теренот, туку и одговорни, дисциплинирани и посветени личности во животот. Горди сме на вас, на вашите успеси и на тоа што со срце го носите името на Штип. Општина Штип е секогаш тука – за вашата поддршка, за вашите соништа и за вашата иднина. Остануваме силен партнер на младинскиот спорт и ќе продолжиме да вложуваме во спортската инфраструктура и развојот на младите таленти во сите спортови”, порача Јорданов.