На просторот каде почна да се гради затворениот училиштен базен во Струмица има само остатоци обраснати во зеленило, како сведоштво за некогаш почнати градежни активности. На местото на почнатата градба подолго време не се случува ништо. Пред струмичани остана нереализирана најавата дека ќе се изгради затворен базен, каде учениците ќе може да учат пливање.
-Денеска сме пред најавуваниот затворен школски базен којшто веќе требаше да биде изграден во Струмица, почнат од претходната Влада, но гледаме дека истиот е обраснат со трева и нема никакви активности. Инаетот оди до таму да власта од ВМРО ДПМНЕ дури нема чувство за грижа кон дечињата во Струмица коишто овде треба да имаат часови по пливање, рече градоначалникот на општина Струмица, Костадин Костадинов.
Градоначалникот потсетува на уште почнат, а незавршен проект.
-Навистина жалам што локалните авторитети, пратеници од ВМРО ДПМНЕ не преземаат ништо во однос на свесно закочените проекти во општина Струмица, оти примерот не е само со затворениот базен, исто таков пример имаме и со регионалниот пат А4 Струмица – Дабиле каде што веќе дефинитивно ни стана јасно дека свесно ги кочат експропријациите со што не можат ниту нашиот изведувач, ниту изведувачот на ЈПДП, ниту ЕВН да влезат и да си ја завршат работата за проекти за кои ние сакаме да ги реализираме, изјави Костадинов.
Со цел учениците конечно да го добијат ветениот објект за спорт и рекреација, Костадинов излезе со понуда до централната власт – нека се откажат од проектот за затворен базен и нека не остават на општината, на тимот на градоначалникот и Советот на општина Струмица да го завршат овој важен проект за граѓаните на Струмица.