Изградбата на новиот ученички дом во Струмица стигна до поставување на плочата на првиот кат, што на терен ги потврдува заедничките напори на општината и СОУ „Димитар Влахов“, учениците да добијат современ дом каде ќе го поминат средношколскиот период. Домот чија изградба ќе чини 100 милиони денари, ќе обезбеди сместување на 98 ученици меѓу кои и за учениците со посебни потреби.
На денешниот увид во градежните работи, градоначалникот Костадин Костадинов го изрази незадоволството што токму на ова училиште, кое е едно од најуспешните училишта во Македонија и го афирмира земјоделството, но и медицината, фармацијата, Министерството за образование му ги скрати средствата за материјални трошоци од 19 милиони на само 7 милиони денари.
-Ние во Струмица не се шетаме и не трошиме народни пари во странство, ние работиме и ветеното го реализираме. Денеска со мојот тим и соработници присуствувавме на ставањето на плочата на првиот кат на новиот ученички дом во Струмица на површина од над 900 метри квадратни. Новиот ученички дом е мое предизборно ветување, реална потреба на учениците од околните општини и општинска инвестиција вредна 100 милиони денари. И додека ние се грижиме за квалитетно сместување на 98 ученици меѓу кои и за учениците со посебни потреби, власта на ВМРО ДПМНЕ ги крати средствата за едно од најдобрите училишта СОУ „Димитар Влахов“ од 19 милиони денари лани блок дотации за материјални трошоци, оваа година има само 7 милиони денари. Како мисли власта на ВМРО ДПМНЕ да се одржува со 7 милиони денари едно такво здание како што е „Димитар Влахов“?Упатувам сериозна порака, свестете се, земете да си ја работите работата, правете финансиските прогнози согласно потребите на училиштата, општините и граѓаните. Ова вака не треба и не може да продолжи, реагираше Костадинов.