Штипскиот Факултет за медицински науки ќе добие свој објект, најави ректорот на универитетот „Гоце Делчев“, проф. д-р Дејан Мираковски.

Станува збор за проект во рамките на изградбата на штипската Клиничка болница, чиј објект се гради повеќе од деценија поради серија на проблеми.

  • Како активност ќе биде вклучен објектот на медицинскиот факултет со соодветни институти ќе биде вклучен со изградбата на новата болница. Идејата е тој објект да биде комплементарен со болницата, институтите со факултетот да ги пружаат здравствените услуги дополнително за да се подобрат условите за функционирање и на болницата и на здравствените услуги кон граѓаните во Источниот регион. Веќе бевме контактирани и од проектната единица и во тек се активности со компаниите кои ќе го изведуваат проектот. Вклучува повеќе повеќе институти коишто освен што ќе имаат научно – истражувачка и образована димензија во себе ќе бидат комплементарни и со функционирање на болницата, односно ќе даваат и јавно здравствени услуги заедно со болницата, вели ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски.

Проектот за објектот на медицинскиот факултет е од 2014 година, па најверојатно ќе биде преработен и адаптиран, а истиот предвидува новиот факултетски објект да зафаќа околу 6000 квадратни метри. Освен амфитеатар и предавални, во него ќе бидат сместени и неколку научни институти кои ќе се занимаваат со образовни и истражувачки активности.