Нови контејнери за електронски отпад во Струмица

Нови контејнери специјализирани за електронски отпад се поставени во Струмица, Општина Струмица во соработка Нула Отпад ДОО Скопје изврши промена на веќе воспоставениот организиран систем за собирање електронски и електричен отпад и отпадни батерии. Досегашните контејнери за електронски отпад беа преполни со секаков вид на отпад. Наместо да се одлага само електронски отпад, во досегашните контејнери се фрлаше секаков вид на отпад.

Новите контејнери за електронски отпад во Струмица се поставени на нови дванаесет локации и тоа:  ОУ Сандо Масев –ул.Моша Пијаде бр.8; ОУ Видое Подгорец – ул.Први Мај бр.34; ОУ Никола Вапцаров – ул. Ценка Павлова бр.1; ОУ Маршал Тито – ул. Кирил и Методиј бр.26;  СОУ Јане Сандански – ул. Моша Пијаде бр.2; СОУ Никола Карев – ул.Маршал Тито 170; СОУ Димитар Влахов ул. Гоце Делчев бр.17; Градинка Виножито ул.Атанас Јанев бр.6; Зграда на Дом на АРМ ул. Благој Јанков Мучето бб; Зграда на Општина Струмица ул. Сандо Масев бр.1; Градинка Детска Радост ул Младинска бр.1; и кај Градинка Детска радост (клон 6) ул. Младинска бр.122.

Општина Струмица упати апел до граѓаните правилно да го одлагаат електронскиот отпад во овие контејнери.

„На самите контејнери има упатство за користење, како и кои видови електричен и електронски отпад и батерии може да се депонираат во нив. Сакаме заеднички да допринесеме да се намали влијанието на овој растечки проблем, но и да мотивираме повеќе луѓе да се грижат за себе и околината и да го селектираат опасниот отпад, апелираат од Општината.

Општина Струмица паралелно на овие активности изврши и едукација на учениците и наставниот кадар од основните училишта за правилно селектирање на отпад и чување на постоечката опрема за селектирање во училиштата.