За првпат од изградбата на општинската зграда во Штип, се реконструира големата сала во неа, која се користи за состаноци на советот на општината, но и за многу други настани, како јавни расправи, настани на здруженија и организации, свечени настани и слично.
Реконструкцијата ќе чини 1 милион денари.
- После долги години, откако е направена административната зграда на општина Штип, одлучивме да направиме реконструкција на главната сала за одржување на седниците на совет, но и за одржување на многу настани коишто во текот на годината општината и другите институции ги организираат во истата оваа сала. Нешто повеќе од еден милион денари се издвоени за комплетна реконструкција на оваа сала. Верувам дека во наредните денови, откако ќе биде завршена, веќе седниците на совет, но и сите настани коишто се организираат, а се поврзани со општината и другите институции, ќе има посоодветен амбиент во самата сала и верувам дека ќе користи за сите настани коишто во иднина ќе се организираат, одржуваат во истата, но и за самите седници на совет, вели градоначалникот на Штип, Иван Јорданов.
Претходно мали измени салата претрпе при посетата на тогашниот турски претседател, Сулејман Демирел, но поради кратките рокови, тогаш во општинската зграда беа направени мали реконструктивни зафати.