Мора да има контролни механизми во работењето на локалните самоуправи, смета градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, кој денеска, во својство на домаќин, учествуваше во втората консултативна средба на Министерството за локална самоуправа за измените и дополнувањата на Законот за локална самоуправа.
- Не смееме да дозволиме општините, градоначалниците, вклучувајќи се и јас самиот себе, да оставиме можност да не се развиваат општините и ова да зависи од волја на одреден градоначалник. Во исто време, не смееме да дозволиме општините да бараат милост за развој на средините, за развој на општините. Така да, она што е многу значајно и битно е да има контролен механизам на функционирањето на локалните самоуправи, вклучувајќи ги градоначалниците. Во исто време фискалната децентрализација е значајна, но исто така и критериумите по кои ќе се одвива таа фискална децентрализација е многу битна, вели Иван Јорданов, градоначалник на Штип.
Измените во Законот за локална самоуправа се очекува да бидат донесени до локалните избори годинава, а истите ќе се базираат на три постулати – референдумска можност за отповик на градоначалник, којшто несовесно постапува или оној којшто не ја извршува својата функција. Втората е да се воведе и во Законот да се препознае комуналниот редар, со цел да се превенираат девијантните појави и третиот главен постулат е поголема вклученост на граѓанскиот сектор, бидејќи на тој начин се смета дека локалните самоуправи ќе можат да носат поиздржани и поквалитетни решенија за граѓаните.
Во меѓувреме, кај општините најактуелни се проектите кои ги одобрува централната власт за финансирање од државниот буџет. Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, посочи дека за околу две третини од аплицираните проекти на општините се одобрени и со потпишани договори:

- Задоволни сме од работењето на локалните самоуправи заради тоа што повеќе од 200 од вкупно 288 проекти што се контрактираа за да добијат средства од централниот Буџет, веќе се склучени договорите и ќе влезат во фаза на изведба. Само два од овие 288 договори ќе треба повторно да се објават заради технички проблеми заради јавните набавки. Очекуваме со подобрување на временските услови, градежна и екномска експанзија на целата територија, вели Перински.
Новиот повик се очекува да биде објавен на почетокот на февруари, а претходно во последната недела од јануари да помине на владина седница.