Струмица ја продолжува зелената агенда – поставени контејнери за електронски и електричен отпад

На дванаесет локации во Струмица се поставени контејнери за електронски и електричен отпад, со што општината го стави ви функција организираниот систем за собирање електронски и електричен отпад и отпадни батерии.

Општина Струмица во партнерство со „Нула отпад“ постави контејнери на булеварите „Ленинова“, „Гоце Делчев“ и „Маршал Тито“, улиците „Сандо Масев“, „Младинска“, „Панче Пешев“, „Братство и Единство“ и „Ванчо Китанов“. За подобро ракување со отпадот и контејнерите, граѓаните ќе  можат да прочитаат на упатството за користење, како и за тоа кои видови електричен и електронски отпад и батерии може да се депонираат во нив.

-Со ова се прави значаен исчекор на одржливост и заштита на животната средина кој ќе придонесе за намалување на опасниот отпад на улиците, дивите депонии кои се создаваат покрај контејнерите и ќе влијае на подигањето на јавната свест. Заеднички придонесуваме да се намали влијанието на овој растечки проблем, но и да мотивираме повеќе луѓе да се грижат за себе и околината и да го селектираат опасниот отпад, рече градоначалникот Костадин Костадинов.

Со ова Општина Струмица дава придонес и изразува еколошка свест во рамките на засилената зелена агенда. Електронскиот отпад е се’ почест проблем за животната средина и растечки со степенот на употреба на компјутерска и електронска опрема.

На пример, лани беа фрлени повеќе од 5 милиони мобилни телефони во светот. Кај нас, се проценува дека годишно ќе се создаде над 36.000 тони електронски отпад. Најголемиот дел се’ уште завршува на општинските депонии, но и во реките и дивите отпади.