СЕКО-Берн Швајцарија донесе одлука за проширување на буџетот на проектот „Подобрување на водоснабдувањето на Делчево” во износ од околу 1, 5 милиони швајцарски франци со што комплетно ќе се финализира проектот и ќе се изградат планираните инфраструктурни проекти. Оваа вест денеска лично на градоначалникот Трајковски ја соопштија високи претставници од СЕКО-Берн за време на работната средба која се одржа во Делчево.

Одобрувањето на средствата беше на барање на УО на Проектот со цел изградба на  нов резервоар на месноста Чука во Делчево, изградба на други објекти и корпоративен развој на ЈКП „Брегалница” и по потврденото партиципативно учество и на Министерството за животна средина и просторно планирање за изградба на нов водоснабдителен систем во с. Вирче.

Градоначлникот Трајковски се заблагодари на поддршката на Швајцарската Влада и на СЕКО и посочи дека со реализацијата на овој проект Делчево добива современ водоснабдителен систем и се решава основниот проблем за граѓаните-пристап до чиста вода за пиење за Делчево и три населени места, Ѕвегор, Габрово и Вирче.

Со дополнителните средства од 1, 5 милиони швајцарски франци, освен другите планирани инфраструктурни проекти со кои се заокружува процесот и се овозможува чиста вода за пиење, конечно, градот Делчево ќе добие и нов резервоар за вода на месноста Чука. Стариот резервоар е изграден пред повеќе од 60 години во период, кога се градел тогаш водоводниот систем во Делчево. Новиот резервоар за вода ќе се гради со нови материјали и технологии со што ќе се влијае на квалитетот и ќе се минимизираат загубите на вода, а конктолата на целата мрежа ќе биде електронска. Воедно, со средствата од Министерството за животна средина и просторно планирање се решава и проблемот со водоснабдувањето и на с. Вирче и негово приклучување на градскиот сиситем, потенцираше Трајковски.

 Даниел Брудер, заменик-раководител на СЕКО посочи дека е задоволен од текот на реализацијата на проектот, од ангажманот на Локалната самоуправа и дополни дека целта на проектот не е само да се изгради инфраструктура туку и да се овозможи негово одржливо користење.

 Претставниците на СЕКО извршија и увид во текот на работите за изградба на пречистителната станица за вода во с. Тработивиште и изградбата на фотоволтаичната централа за потребите на станицата.

 Со новото проширување на буџетот, Проектот „Подобрување на водоснабдувањето на Делчево” носи инвестиција од над 9 милиони швајцарски франци и е најголема инвестиција во историјата на Делчево.