Започна реконструкција на водоводната мрежа во Старо Делчево

Деновиве започна реконструкцијата на старата водоводна мрежа во населбата Старо Делчево со која се заменува старата дотраена азбестна водоводна мрежа со нова пвц-инсталација со вкупна должина од над 800 м. Согласно со проектот, ќе се поставува нова пвц-водоводна мрежа на улиците „Солунска“и „Ванчо Прке“ во должина од 420 м и на улица „Острец“ со должина од 390 м метри, односно крак 9 од Старо Делчево и крак 3 од потисен цевковод.

Увид на почетокот на работите на реконструкцијата на ул. „Ванчо Прке“ направи градоначалникот Горан Трајковски кој посочи дека со реализацијата на овој проект во Делчево над 90% од старата водоводна мрежа ќе биде заменета со нова пвц-инсталација.

-Продолжуваме со проектите кои се во насока на подобрување на квалитетот на водата за пиење во Делчево, минимизирање на загубите на вода и превенирање на дефектите на системот, а сепак, најзначајна придобивка од реализацијата на овој проект е позитивното влијание врз здравјето на луѓето. Само преку последните 2 проекти кои се работат со поддршка на МТВ во Делчево реконструиравме водоводна мрежа во должина од 5,4 км, рече Трајковски.

Проектот се реализира со финансиска поддршка од МТВ во износ од 3,1 милион денари, а градежните работи ги извршува фирмата „ПАНЕЛ-М’ од Тетово.

По завршување на реконструкцијата на водоводната мрежа на ул. „Ванчо Прке“ ќе започне и комплетната реконструкција на оваа улица со поставување нов асфалт во должина 223 м. За реконструкција на оваа улица се обезбедени парични средства во висина од 2.300.000,00 денари без вклучен ДДВ од комбинирани извори и тоа:  од Владата на Република Северна Македонија за поддршка на имплементацијата на Декадата и Стратегијата за Ромите и Општина Делчево.