Продавници на Веро и Џамбо во Струмица со инвестиција од 3 милиони евра

„Нова директна странска инвестиција! Аирлија мои струмичани, познатите брендови Веро и Џамбо ќе ги имаме и во Струмица!“. Вака градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов го објави влегувањето на познатите грчки брендови на Веро Груп. Објавата следуваше по состанокот што Костадниов го имаше со првиот човек на Верополус, Никос Веропулос, на која му го предаде одобрението за градба.

Како што е најавено, инвестицијата е во висина од 3 милиони евра, а ќе се реализира во северниот дел од градот во новопланираната станбена зона покрај магистралниот пат на излезот од Струмица кон Василево.  Во новиот Веро маркет и продавницата Џамбо ќе се вработат 70 луѓе.

-Трговскиот објект со супермаркет ќе има современа архитектонска градба и атрактивен облик на површина од 5.000 метри квадратни. Веро е еден од најуспешните продажни синџири во трговијата на мало на Балканот. И во време на голема криза нашата Струмица е препознаена како Општина за нови инвестиции, објави Костадинов.

Веро Груп во Македонија има 16 дуќани. Во март се очекува отворање на нов објект во Куманово, по што следен за инвестиција е тој во Струмица.

Работењето на грчката компанија во Македонија минатата 2022 година ја заврши со пораст на прометот од 5 отсто. На на 23 декември 2022 година, во Нови Сад , Србија Верополус го отвори најголемиот хипермаркет на Групацијата на Балканот. Зборувајќи на церемонијата за присуството на компанијата во Македонија и Србија, Никос Верополус ги најави новите инвестиции.

-Ние бевме првите странски инвеститори и купивме имот веќе во 2001 година, верувајќи во иднината на овие земји. До денес сме сигурни дека иднината ќе биде светла и затоа продолжуваме со инвестиции. Во 2023 година ќе отвориме уште една голема продавница на Џамбо во Белград, додека во новите капацитети во Нови Сад се инвестирани 15 милиони евра. Отворени се повеќе од 100 нови работни места и оваа бројка ќе се зголемува, изјави Верополус.

Во финансиските податоци за Веро груп стои дека вкупниот промет за 2021 година изнесува 121,88 милиони евра, додека консолидираната добивка пред оданочување за годината изнесува 14,74 милиони евра. Нето консолидираната добивка на групацијата (по оданочување) изнесува 11,5 милиони евра.