Договори за 13 стипендии и четири еднократни парични награди денеска официјално беа потпишани во Општина Штип од страна на учениците кои имаат особени постигнувања на државни и меѓународни натпревари и градоначалникот Иван Јорданов.
Тројца ученици, Дамјан Давков, Иван Костевски и Марио Ванчоски, ќе добиваат месечна стипендија во износ од три илјади денари, а Теодора Стојчевска, Даниел Христов и Дора Милева стипендија од 2500 денари. Стипендија од две илјади денари,пак, ќе добиваат Стефан Гулиќ, Драган Костадинов, Сара Јакимовска, Дијана Арсова, Ана Арсова, Јована Митева и Андреа Кукушева.
Еднократна парична помош од 30 илјади денари, која им се додели на прворангираните четворица кандидати кои ги исполнуваа условите, ќе добијат Дамјан Давков, Иван Костевски, Марио Ванчоски и Теодора Стојчевска.
Штипскиот градоначалник на денешното потпишување на договорите истакна дека му е чест и задоволство што ќе стипендираат ученици кои годинава имааат постигнато врвни резултати на државни и меѓународни натпреварувања.
– Прекрасно е чувството да се биде во друштво на ученици кои дефинитивно ќе прераснат во идни доктори на науки, адвокати, професори, правници, економисти кои ќе го генерираат развојот на Општина Штип. Наша основна цел е да го стимулираме образованието и учениците да продолжат со нивните успеси, но сакаме и да ги прошириме стипендиите за следната 2023 година. Сметаме дека на овој начин ќе допринесеме за развој на нашиот град, рече Јорданов.
Парите за стипендиите се издвоени од буџетот на општината за 2022 и 2023 година, а стипендиите за септември, октомври, ноември и декември годинава ќе им бидат исплатени до крајот на годината, а останатите месечни износи ќе им бидат исплаќани за секој изминат месец, заклучно со август 2023.
– Општина Штип им се заблагодарува и им честита на сите ученици кои се пријавија на огласот, а особено на наградените, на нивните ментори и раководни тимови во училиштата, за постигнатите резултати и успеси, како и за подршката да го претставуваат училиштето, градот и Македонија и секако на нивните родителите, истакнаа од општината.