Струмица: Стартуваа работите за финална реконструкција на улицата „Крушевска Република“

Започна реконструкцијата на улицата „Крушевска Република“ во Струмица, која во наредните 12 месеци треба да го комплетира целосното уредување на овој дел од градот. Како што е предвидено со тендерската документација, изведувачот на работите, компанијата Дикор ЦД од Струмица работи на отстранување на стариот асфалт од двете страни на поројот, подобрување на горниот строј на улицата со нов слој на тампонски материјал, по што ќе се изврши асфалтирање на улицата со нов асфалт во два слоја.

Увид во градежните работи деновиве изврши градоначалникот Костадин Костадинов со соработниците, претседателот на Советот Марјан Даскаловски и советници. Како што рече градоначалникот Костадинов, реконструкцијата на улицата е целосно финансирана од општинскиот буџет.
-Едно од основните начела во политиката е да се држиме до тоа што го ветуваме и да го реализираме она што е суштинска потреба и барање на граѓаните. Оваа инвестиција е комплетно финансирана од основниот буџет на општина Струмица со 19 милиони денари. Станува збор за реконструкција на 580 метри со комплетно вадење на постоечкиот асфалт, тампонирање и ставање на два нови слоја на асфалт, изјави Костадинов.

Работите на улицата „Крушевска Република“ почнаа од поодамна. Градоначалникот во оваа прилика им се заблагодари на граѓаните кои живеат таму како што рече за трпението кои го имаат.

-Од мое и од името на Советот им благодарам на граѓаните кои живеат долж поројот „Крушевска Република“ за трпението што го имаат, бидејќи околу 3 години тука се изведуваат градежни работи, што нормално доведува до нарушување на мирот на граѓаните, но нека се стрпат уште малку, односно, согласно јавната набавка во рок од 12 месеци ќе биде комплетно завршена улицата и овој дел од градот ќе биде убаво место за живеење, кажа Костадинов.
Новопроектираната улица ќе биде широка 23 метри, од кои од двете страни ќе има асфалтна површина со ширина од 6 метри и останатото се рабници и тротоари од двете страни на улицата.