По повод светскиот ден на лицата со попреченост Општина Штип организираше средба и имаше посета од претставници на институции кои работат со деца и лица со попреченост, со здруженија.
Градоначалникот Јорданов вели дека разговарале за тоа како тие како локална самоуправа можат да помогнат да се подобрат состојбите за овие лица, за како што рече, да имаат еднакви можности и права во општината.

– Ги слушнавме размислувањата на претставниците од институциите. Не само овој ден, наша обврска е секој ден да даваме поддршка на институциите и здруженијата. Во изминатиот период веќе имаме воспоставено ваква соработка, наши вработени лица се ангажирани во неколку дневни центри и работат со лицата со попреченост. Примарна обврска за општината сега е да создаде соодветна инфраструктура и да и помогне на лицата со попреченост за да се чувствуваат еднакви во Општина Штип, рече Јорданов.

На прашање за какви предлози станува збор, Јорданов рече дека главно се разговарало за начинот на едукација на лицата со попреченост. Тој потенцира дека и покрај тоа што локалната самоуправа нема директна надлежност во образовниот процес, сепак смета дека треба да има комуникација со МОН и Министерството за труд, за да може да се нотираат, па потоа и да се подобрат одредени состојби. Клучно вели е и да се прилагоди инфраструктурата во градот.

Дека инфраструктурата е голем проблем посочи и Борче Петровски кој е дефектолог во центарот за поддршка на учење, во ОУ „Ванчо Прќе“ во Штип.

– Клучните проблеми со кои се соочуваат децата со потешкотии во развојот е најпрво пристапноста до самите институции и училиштата и општо во општеството. Треба да се работи на надминување на архитектонските бариери и надминување на сите проблеми за грижата околу лицата со потешкотии во развојот, со тоа што институционално ќе се опремуваат со подобра опрема за подобро совладување на наставниот материјал, вели Петровски.