Штипскиот градоначалник Иван Јорданов реагира дека Владата и го ускратува правото на општината за финансирање на капитални проекти, со тоа што ја кочи одлуката за издавање на општинска обврзница.

Јорданов вели дека иако ги проследиле сите потребни одлуки и ги добиле сите потребни согласности од страна на релевантните институции и Министерството за финансии, а го вратиле и долгот кој општината претходно го имала кон ова министерство, точката за издавање на општинската обврзница никако да дојде на ред на владина седница.

– Она кое требаше да биде техничка одлука, да се проследи на седница на Влада, за нас е проблем. Веќе две последователни седници точката на која што треба да се донесе одлуката за издавање на обврзницата од страна на Владата се отстранува од дневен ред без објективни причини, се со цел да се ускрати можноста и правото за развој на општината и изградба на одредени капитални инвестиции, вели Јорданов.

Тој целиот овој случај го нарече преседан и вели е срам за државата која се декларира дека се стреми кон европските вредности.

– Сите европски општини издаваат обврзници за развој на истите. Општина Штип по примерот на европските општини одлучи да го направи ова, но дефинитивно имаме политички причини поради кои сме ускратени во правото и во можноста да исфинансираме капитални проекти, рече градоначалникот.

Јорданов го повика премиерот на следната седница на Влада да ја стави точката за конечно да се издаде општинската обрзница. Доколку тоа не се случи, вели дефинитивно се работи за опструкција и кочење на развојот на општина Штип и казна на граѓаните на општината, само затоа што имаат градоначалник и советници кои што се од друга политичка партија, од онаа која што е владината коалиција и премиерот.