На десетина километри од Делчево на влезот на селото Тработивиште, започна изградбата на пречистителна станица за вода за пиење со придружни објекти и фотоволтаична централа, која ќе задоволува 60% од потребите од енергија. Целосното завршување на овој капитален проект за Делчево е за две години и чини 7,3 милиони швајцарски франци од кои 6 милиони швајцарски франци е донација на Швајцарската Конфедерација. Македонската влада обезбедува 1, 3 милиони швајцарски франци преку инвестиција од Министерството за животната средина и просторно планирање и 30.000 швајцарски франци е учество на Општина Делчево.

На поставувањето на камен темелникот, на кој присуствуваа високи гости од донаторот, владата и општината, градоначалникот Горан Трајковски рече дека на овој проект се работи интензивно во изминатите 4 години, преку финализирање на административни работи,  елаборати, анализи со цел да се најде најсоодветното решение за конечниот резултат-чиста вода за пиење и минимум загуби на вода.

– Проектот „Подобрување на водоснабдувањето на Делчево“ се имплементира изминативе 4 години, период во кој се реализираа сите неопходни административни работи, но се работеа и елаборати, анализи, за да се најде најсоодветното решение за конечниот резултат-чиста вода за пиење и минимум загуби на вода. Паралелно, се гради нова водоводна линија во две делчевски села Габрово и Ѕвегор со што жителите за прв пат ќе добијат современ водоводен систем и ќе се приклучат на градскиот водовод. Во рамките на проектот влегуваат и изградбата на фотоволтаична централа и оперативна зграда со лабораторија, изградба на прекидна комора на главната доводна цевка од браната Лошана до станицата во с. Тработивиште, реконструкција на главната водоводна цевка од с. Тработивиште до Делчево и реконструкција на бунарите во Делчево и с. Тработивиште, како и реконструкција на резервоарот за вода во близина на с. Ѕвегор, истакна градоначалникот Трајковски.

Паралалено во тек е замената на старите азбеснтни цевки со полиетиленски на мрежа долга 5,3 километри, со средства обезбедни од Министерството за транспорт и врски.

Со камен темелникот, почнува втората фаза од проектот, по инвестицијата од 1,2 милиони евра за реконструкција на застарената мрежа и приклучување на селата Ѕвегор и Габрово кон водоводниот систем. Министерот за животна средина и просторно планирање на свеченоста рече дека вложувањата во Делчево се пример за грижата за општините.

– Од аспект на МЖСПП сакам да нагласам дека интензивно се работи на поддршка и на другите општини за изградба на инфраструктура за водоснабдување  и одведување отпадни води. Во моментот одобрени се средства во висина од 55 милини евра прекукредитната линија на ЕБОР. Наскоро ќе биде објавен јавен повик и средствата ќе бидат достапни за општините, ијави министерот Нуредини.

„Подобрување на водоснабдувањето на Делчево“ со шест милиони швајцарски франци е поддржан од Швајцарската Конфедерација. Овој проект претставува контуитет во швајцарската донација во заштитата на животната средина во источна Македонија, која достигна 50 милиони франци.

-Kако продолжение на оваа поддршка и посветеноста да им се помогне на жителите на општина Делчево, горд сум што Швајцарија одлучи да придонесе во напорите за подобрување на состојбата со водата за пиење. Очекувам за две години повторно да се собереме овде за да прославиме официјално пуштање во употреба на пречистителната станица заедно со граѓаните на Делчево, истакна заменик-амбасадорот Лусијан Егертер.

Вложувањата не само во заштитата на животната средина ќе продолжат и од страна на владата, најави премиерот Димитар Ковачевски, кој рече дека вложувањето во Делчево е само една во низата инвестиции за долгорочен развој на  државата, вклучувајќи го и регионалниот развој.

– Политиките што ги креира Владата се сеопфатни и никого не изоставуваат, без разлика дали станува збор за проекти за развој на општините, за мерки за ублажување од енергетската криза. Како Влада поддржавме инвестиции од над 250 милиони евра во општините, ќе го поправиме она што со децении не е направено, секој заслужува квалитетен живот, рече премиерот Ковачевски.

Инаку, Проектот за подобрување на водоснабдувањето во Делчево, е вреден 7,3 милиони швајцарски франци. Од нив 6 милиони швајцарски франци се донација од Швајцарската Конфедерација, 1, 3 милиони швајцарски франци е инвестиција од Владата, преку Министерството за животна средина и просторно планирање, а 30.000 швајцарски франци е учество на Општина Делчево.