Остварена првата цел – струмичани возат по првите 700 метри од велосипедската патека

Сончевите денови изминатата недела ги измамија струмичани да излезат во Градскиот парк и да го свртат првиот круг по новата велосипедската патека. Оваа делница е првата од предвидените патеки во вкупна должина од 11 километри, што ја промовираат Струмица во цело град. Патеката во Градскиот парк е двонасочна велосипедска патека со должина од 700 метри и ширина од 2,5 метри, лоцирана во Градскиот Парк, која има за цел поврзување на булевар „Ленинова“ со Спортскиот Центар „Парк“, односно населбата „Карпош“.

-Зборот е збор. Струмица смарт вело град!, соопшти градоначалникот Костадин Костадинов.

Првата етапа од велосипедската патека е дел од проектот „Струмица – Паметен вело град“ во Струмица, кој со интензивно темпо се работи. Предвидена е изградба на велосипедски патеки на повеќе локации во градското подрачје. Со реализација на тековните активности, кои се дел од проектот, ќе биде унапредена велосипедската инфраструктура во Струмица, истовремено развивајќи го градот по урнек на голем број современи европски градови. Проектот „Струмица – Паметен вело град“, финансиран од Европската Унија во рамки на програмата „ЕУ за општините“, се однесува на иновативно и ефективно решение со кое ќе се стимулира употребата на велосипедот како здрав, еколошки и економичен начин на мобилност.

Покрај изградбата на велосипедски патеки и создавање современа вело-инфраструктура во градот, овој проект предвидува и активности за јакнење на капацитетите и подигнување на јавната свест за вело-културата, за зголемена употреба на велосипедот како еколошко, рекреативно и алтернативно превозно средство со цел – стекнување здрави и еколошки навики. Суштинската придобивка од “Струмица – паметен вело град“ е создавањето на нови вело навики и промена на свеста за придобивките од урбаната мобилност и употребата на еколошки превозни решенија. Во рамки на проектот, планирани се серија градежни активности за изградба и обележување на велосипедски патеки, на неколку локации во Струмица и тоа:  Од булевар „Ленинова“ до Спортската Сала „Парк“: Изградба на двонасочна велосипедска патека во должина од 700 метри; – Од двете страни на булевар „Ленинова“: Изградба на велосипедска патека во должина од 2.5 километри; – Од двете страни на булевар „Маршал Тито“: Изградба на велосипедска патека во должина од 780 метри; – Од двете страни на булевар „Климент Охридски“: Изградба на велосипедска патека во должина од 3 километри; – На улица „Братство Единство“: Изградба на велосипедска патека во должина од 600 метри; – На улица „24-ти Октомври“: Изградба на велосипедска патека во должина од 310 метри; Низ Старата Чаршија: Изградба на велосипедска патека во должина од 700 метри. Велосипедски ленти ќе бидат обележани и на улиците “Ѓуро Салај“, “Сандо Масев“, “Гоце Делчев“, “Балканска“, како и на улиците “4“ и “53 во Градскиот Парк.

-Урбаната мобилност со велосипед има огромен потенцијал во Струмица. Најчесто, патувањата се на блиски растојанија, додека поголемиот дел од градот е на рамен терен. Велосипедот како транспорт е соодветен, имајќи ја предвид и климата, а е погоден и за здравјето на човекот, како и за семејниот буџет. Доколку барем дел од дневните патувања со автомобил ги реализираме со велосипед, ќе придонесеме кон почиста Струмица, со помало загадување на воздухот, намалена бучава, намален сообраќаен метеж и најважно – поздрави генерации.“ – изјави Костадин Костадинов, Градоначалник на Општина Струмица.

Подготвителните активности започнаа пред 2 месеци, а проектот е во изведба на компанијата “Жикол“ од Струмица. Вкупната инвестиција за реализација на овој проект, во целост финансирана од Европската Унија, изнесува 295.000 евра.

Со реализацијата на “Струмица – Паметен Вело Град“, Струмица ќе стане првата македонска Општина која воведува нов и современ вид на сообраќај, сѐ во согласност со меѓународните стандарди за системско обезбедување на основната инфраструктура за негова реализација – велосипедски патеки.