Годинешното издание на фестивалот „Макфест“ кој ќе се одржи викендов на 21 и 22 октомври, ќе биде збогатено со придружен настан на штипскиот плоштад. Градоначалникот Иван Јорданов најави дека освен во Домот на културата „Ацо Шопов“, годинава за прв пат штипјани ќе може да „присуствуваат“ бесплатно на „Макфест“ на плоштадот „Слобода“, каде во живо ќе се прикажуваат двете фестивалски вечери.

– Масовноста на реномираниот фестивал ја зголемуваме со настан во името на виното и музиката, на кој во живо ќе се проследат двете фестивалски вечери, а потоа ќе следуваат изведби на најголемите хитови од истиот. На овој несекојдневен настан ќе се потсетиме на: Кога те нема од Хелена Благне, Таму кај што си од Ристо Самарџиев, Осамен од Трајче Манев, Виолина и гитара од Дуле и Коки, сѐ до Никогаш не вели никогаш од Антонија Гиговска, Тажна љубов, среќна песна од Тамара и многу други незаборавни мелодии, вели Јорданов додавајќи дека поканети се сите, зашто викендов Штип ќе пулсира во ритамот на „Макфест“.