За два до два и пол пати се очекува да се намали сметката за струја на штипското комунално претпријатие „Исар”, со новата мерка снабдување со електрична енергија на мерни станици за водни пумпи, преку продажба од ЕСМ по поволна цена од берзанската цена, односно субвенционирање на разлика во цена на електрична енергија.
Со ова, директорот на претпријатието Трајче Здравков, вели дека очекуваат следната сметка за струја да им биде околу 2,5 милиони денари, со оглед на тоа што последната била 5,5 милиони денари.

Здравков вели дека комуналните претпријатија поради финансиската криза се соочиле со големи финансиски проблеми.

– Во јануари добивме сметка од 19 милиони денари, која беше повисока од приходите кои ги имаме на месечно ниво, потоа во февруари имавме сметка од 11 милиони денари, останатите месеци сметките за струја се движеа од осум до пет милиони денари, а се зависеше од берзанската цена на струјата, вели Здравков.