„Макфест“ годинава налик познатите „Оскари“ – Ќе има многу познати музички имиња, но не и награди

Со програма која ќе ги задоволи музичките вкусови и на тинејџерите, но и на оние постарите,  фестивалот на забавна музика „Макфест“ го враќа својот интернационалниот сјај. Налик познатите „Оскари“ годинава три познати имиња од македонската сцена во вид на презентери, втората фестивалска вечер, на црвениот тепих ќе ги пречекуваат пејачите со цел да ги приближат до публиката. Новитет е и тоа што познатиот фестивал за прв пат нема да има натпреварувачки карактер, туку ќе биде повеќе афирмативен и хуманитарен.

Александар Арсовски кој е оперативен координатор на фестивалот, вели дека организацијата на овогодинешното издание започнала со промена на правилникот за негова организација, со што биле вметнати неколку новитети. Сега поголемиот технички дел од фестивалот ќе го организира професионална ПР агенција, која заедно со Уметничкиот совет кој ги избира композициите, ќе го реализира целиот замислен концепт на правилникот.

– Годинава одлучивме фестивалот да нема натпреварувачки карактер, со цел да се вратат оние познати имиња на музички ѕвезди кои поради нивни причини досега го бојкотирале фестивалот. Ова значи дека нема да има никакви награди, но за сметка на тоа е зголемен износот на финансиски средства кои општината досега ги давала за откуп на композицијата. Сега е предвидено 61.500 ден, а во минатото сумата била околу 40 илјади денари. Со ова мислиме дека ќе добиеме подобар квалитет на музичките композиции, вели Арсовски.

Овогодинешниот „Макфест“ на публиката ќе и понуди 24 композиции, а ќе учествуваат некогашниот пејач на култната „Бјело Дугме“ Ален Исламовиќ, нашата Тамара Тодевска, актуелните меѓу помладите Пајак и дуото Два Бона и многу други познати имиња.

– Ќе имаме шоу за публиката кое сакаме да биде изненадување. Интересно е што имаме пејачи кои се актуелни кај различен тип на генерации. Немаме класични дебитанти, има пејачи кои се познати и по десетина години се на музичката сцена, но немаат пеено на Макфест, вели Арсовски.

Новина е и што во пресрет на „Макфест“, ќе можеме да слушнеме по некои дваесетина минути од песните кои ќе се изведуваат на двете фестивалски вечери – 21 и 22 октомври.

Фестивалот оваа година се организира со пари од општинскиот буџет бидејќи Министерството за култура одвои само 400 илјади денари, кои Општина Штип ги одби.  Фестивалот како што вели Арсовски ќе чини околу шест милиони денари, 4,5 ќе ги обезбеди општината, а останатите ќе дојдат од спонзори.