Улицата Ванчо Китанов во штипската населба Сењак, која подолго време беше вон функција поради настанатото свлечиште, доби потпорен ѕид и наскоро ќе биде асфалтирана и целосно функционална за граѓаните да може да ја користат.
– Во изминатиот период благодарение на општествено одговорна компанија успеавме да го направиме потпорниот ѕид, благодарение на ЈП Стипион, пак, се истретираа атмосферските води и сега почнуваме со реконструкција на улицата и асфалтирање, рече градоначалникот на Штип, Иван Јорданов.
Инвестицијата е со буџетски средства од општината, а изнесува 1,4 милиони денари. Ќе се постави вкупно 1600 м2 асфалт.
Денес се асфалтираше и улицата во населбата Балканска која досега никогаш не била асфалтирана. Јорданов најави дека ќе продолжат со алфалтирање улици и во другите населби, се додека дозволуваат временските прилики.