Проширената пешачка патека на реката Брегалница која сега има и велосипедска лента, парковите во изведба во населбите Сењак и Дуизлак, улицата Ванчо Китанов која се асфалтира, конзолите на река Отиња и спортското игралиште во населбата Кадидере се дел од локациите на кои штипскиот градоначалник Јорданов и лидерот на партијата од која доаѓа, Христијан Мицкоски, ги посетија денеска.

– На сите овие локации моментално се работи. Вредноста на капиталните инвестиции во кои се вложува е некаде половина милион евра. Сакам да истакнам дека и покрај тоа што цените на материјалите со кои се одвиваат овие градежни активности се неколкукратно покачени и имаме намалени приходи а зголемени трошоци и живееме во криза, успеваме и се трудиме да направиме капитални инвестиции со кои ќе го направиме Штип поубав за живеење, рече Јорданов.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека му е чест и задоволство да ги гледа овие инвестиции, особено што во економска криза градоначалникот наоѓа средства и начин да ја реализира програмата која ја претстави пред граѓаните на изборите.

– Современиот патриотизам подразбира реализирање на ветувањата кои политичарите ги даваат пред граѓаните. Иван е таков човек кој заедно со поддршката која ја има во администрацијата и советот, но и од граѓаните, тоа што го ветил јас сум сигурен дека ќе го реализира, па дури и повеќе, рече Мицковски.