Се асфалтира вториот дел од пешачката патека на реката Брегалница во Штип, на потегот меѓу населбите Баби и Балканска. Со завршувањето на овој потег, а откако веќе е завршен и проширен оној од Ново Село до населбата Осми ноември, патеката во должина од шест километри ќе биде целосно реконструирана.

– Се врши нанесување на асфалтна маса и проширување, реконструкција на претходно постоечката пешачка патека, со можност да се постави и велосипедска лента која ќе овозможи овој потег да го користат и велосипедисти, вели штипскиот градоначалник Јорданов.

Веднаш по асфалтирањето Јорданов најави дека ќе се врши обележување на велосипедската лента, а напомена и дека делот од Ново Село до Осми ноември е целосно осветлен со 100 нови канделабри.

За овој проект се потрошени над 10 милиони денари.