(галерија) Со љубов за најмладите – како изгледа внатрешноста на новата струмичка градинка

Се чекаат согласностите од Министерството за финансии за вработувањата на воспитувачи и персоналот за новата градинка во Струмица да ги прими првите деца. Објектот е на површина од 1.443 метри квадратни со приземје и кат и е со капацитет за 300 деца. Проектот е финансиран од Министерството за труд и социјална политика.

До градинката „Виножито“ Општината Струмица гради и пристапна улица за родителите да можат да пристапат и да ги донесат своите деца. Се работи на улицата „Атанас Јанев”, која ќе овозможи непречен пристап до новата градинка.

Според градоначалникот Костадин Костадинов, со изградбата на оваа нова улица се овозможува современ пристап до Градинката, како и поврзување и растоварување на сообраќајот по улиците од горниот дел на градот. – Во овој проект е опфатена комплетна изградба на улицата, односно поставување на дренажа, тампонирање и асфалтирање на коловозните ленти со два слоја асфалт, како и уредување на тротоарите со бехатон плочки.

Покрај двете коловозни сообраќајни ленти со ширина од по 3,5 метри, во делот пред главниот влез во градинката ќе се изгради и посебна сообраќајна лента за запирање на возила заради оставање и земање на децата од истата, рече Костадинов. Улицата е долга 200 метри, а средствата во износ од 4.400.000 денари се обезбедени од општинската каса.