Поднесена кривична пријава за вчерашниот пожар на штипската депонија

Пријава против непознат сторител е поднесена до СВР-Штип и до Државниот инспекторат за животна средина по вчерашниот пожар на штипската депонија „Трештена скала“.

Директорот на ЈП Исар, Трајче Здравков, денеска информира дека пожарот бил подметнат, а поради тоа што горело индустриско масло, гуми и други запалливи суровини, било потешко да се изгасне, па пожарникарите интервенирале до доцните вечерни часови.

Дополнително како што рече, искршен бил и видео надзорот во депонијата.

Инаку вчерашниот пожар не е прв на оваа депонија. Штипјани со години наназад, особено во летните периоди често може да забележат густ црн чад, но и да почувствуваат непријатна миризба, кои доаѓаат од правецот на депонијата.

Директорот Здравков вели дека само во последните месеци четврти пат гори депонијата, но оти вчерашниот пожар бил најсериозен.