Околу 200 барања за штети од трите невремиња на крајот на мај – од силен ветер, од град и од дожд, поднеле земјоделците од населените  места во општина Лозово.

Земјоделците пријавиле штети на разни земјоделски површини – пластеници со раноградинарски култури, ниви со јачмен и пченица, како и овоштарници и лозја, информира градоначалникот  Бошко Цветковски.

Тој вели дека засега не можат да кажат за колкава површина се работи и колкава е штетата.

„ Поминаа петнаесeтина дена од последното невреме и се уште ги очекуваме претставниците од надлежното Биро за судско вештачење, како што впрочем ни вети Министерот за земјоделие Љупчо Николовски при неговата посета на општината. Доколку до понеделник не не посетат, на терен ќе излезат нашите комисии, формирани на Советот на општината, Информира градоначалникот.

Најголеми штети од трите невремиња претрпеа селата Лозово, Каратманово, Милино, Ѓуземелци, Дурфулија и дел од атарот на село Аџиматово.

На итна седница на Советот беа формирани две Комисии, една за утврдување на штети кај земјоделските култури, а друга за утврдување на штета на движен и недвижен имот.

Првото невреме со силен град се случи на 25 мај вечерта, второто на 28 мај кога населените места во Општина Лозово ги погоди град со големина на орев од кој најмногу настрадаа земјоделските површини и третото невреме со силен дожд Општина Лозово ја зафати на 31 мај.