Шампионките од ЖКК „Патриот 2016“ на прием кај градоначалникот Трајковски

Делчевските шампионки од ЖКК „Патриот 2016“ кои викендов на турнирот во Делчево ја освоија шампионската титула во м-16 кошаркарската лига на Македонија, денеска беа примени од градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски.

 На средбата на која присуствуваа и тренерот на клубот Љупчо Петровски – Клубски, спонзорот Александар Дончевски и претставник од раководството на клубот, Марјан Јовановски, се разговараше за успехот на девојките, неизвесниот тек од натпреварот за титулата, за подготовките на екипата за првенството, но и за проблемите и предизвиците на спортот во Делчево, посебно на женската кошарка.

Трајковски истакна дека освојувањето на шампионската титула во М-16 кошаркарската лига на Македонија, е доказ дека кога се работи со љубов, со ентузијазам, посветено и дисциплинирано, резултатите се неизбежни.

-Ми претставува чест што денеска бев домаќин на делчевските шампионки. Девојките од КК „Патриот 2016“ сите нè направија горди. Уште еднаш испраќам честитки до делчевските кошаркарки и тренерот Петровски и им се заблагодарувам за радоста која ни ја приредија и со која Делчево се искачува на високото место на македонската женска кошарка. Ова е успех кој треба да го следат сите спортисти и сите клубови од нашиот град. Логистиката и поддршката од мене како градоначалник, а секако и од Општина Делчево, ја имаат во континуитет, рече Трајковски.

Тренерот, Љупчо Петровски-Клубски, изрази надеж дека оваа генерација делчевски кошаркарки ќе биде дел од македонската женска кошаркарска репрезентација.

–          Со оваа екипа имавме 16 натпревари без пораз. Значи успехот не е случаен, туку резултат на голема работа и пожртвуваност. Во оваа прилика сакам да истакнам дека со нашиот спонзор Дончевски, решивме да градиме и финансираме наши играчи, а не странски и успеавме во Делчево да создадеме екипа која е конкурентна. Имаме успеси и во другите лиги, работиме со младите професионално. Во Делчево постојат таленти, постои база на кошарката, истакна Петровски.

Делчевските шампионки на градоначалникот Трајковски му подарија кошаркарска топка со потписи на сите кошаркарки и дрес од клубот со бр 1.

Во знак на благодарност за успехот, Градоначалникот Трајковски додели благодарници на ЖКК „Патриот 2016“ и на тренерот Петровски за особен придонес во развојот на женската кошарка во Делчево.