Стариот парк меѓу улиците Анте Банина и Сабие Демир, поточно местото меѓу сините и розевите згради во населбата Сењак, конечно ќе започне да се уредува со спортски и детски содржини.

Местото кое со години е обраснато со трева, полно со смет, искршени клупи и детски реквизити, за околу месец дена би требало да стане пристојно катче за сите генерации.

– Ќе го уредиме просторот, ќе има нови клупи и целосно осветлување. Дополнително ќе има баскет игралиште, игралиште за мал фудбал со вештачка трева, но и детски реквизити, рече градоначалникот Јорданов.

Средствата за уредување се општински и во моментов изнесуваат нешто над 1,5 милиони денари. Градоначалникот сепак вели кога ќе завршат сите активности ќе се утврди точниот износ.

За следните неколку месеци Јорданов најави дека ќе се работи на вакви слични паркови со повеќенаменски игралишта во населбата Осми ноември и Дуизлак.