Кога запознаваме ново место, најдобро го запознаваме преку традиционалната храна кој засекогаш се врзува за нашите сетила. Кога ни доаѓаат гости, најважно е да им понудиме вкусна храна на софрата зашто тогаш се чувствуваат најпријатно. Во чест на добрата храна ќе ги славиме миговите на среќата  – со овие зборови беше означен почетокот на новото издание на Гурман фест, дојранската манифестација на која може да се види и да се вкуси што сѐ умеат тамошните домаќинки.

Градоначалникот Анго Ангов рече дека со ваквиот фестивал и официјално се отвора новата туристичка сезона.

„Оваа манфиестација прераснува во традиција. Традиција која го искажува она што го имаме, нашите корени, а пред сѐ вештите раце на овие жени кои се дел од нас секоја година“, порача Ангов во своето обраќање.

Мештаните освен во вкусот на гастрономските специјалитети, можеа да уживаат и во македонската народна музика која беше интерпретирана во живо од познати имиња од домашната сцена.

Јадењата како крап во тава, перкија, белвица и сом, како и вкусните пекарски производи беа само дел од богатата трпеза, во рамките на настанот кој беше организиран од здружението Дојрана.