Сите во превенција на шумски пожари – пораката од Извештајот презентиран во Делчево

Мерките што треба да се преземат со цел да се превенираат шумските пожари, но и активностите за ревитализацијата на изгорениот шумски фонд ги содржи Нацрт – извештајот за статусот на шумата зафатена од пожари во регионот на Малешевија и Пијанец во 2021 година. Овој документ беше претставен денеска Делчево на првата работилница. Овој Нацрт-извештај е изработен од експертски тимови од Македонија и Швајцарија во рамките на Програмата за зачувување на природата со поддршка на Швајцарската развојна агенција и Фармахем.

Целта на работилницата е да се даде импут во националниот план и активностите кои треба да се преземат за ревитализација на подрачјето со мерки кои ќе бидат соодветни, односно нема да бидат подложни на појава на вакви пожари.

На настанот присуствуваше градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, како и претставници од МЗШВ, ЈП Национални шуми, претставници на институции и невладин сектор.

Градоначалникот Трајковски кој беше домаќин на настанот истакна дека изработката на овој документ е доста значаен, бидејќи ќе помогне на институциите во идните мерки за реставрација на шумата.

– Говорејќи од денешен аспект, јас цврсто стојам на гледиштето дека кога е заштитата на шумите во прашање мора да имаме крајно сериозен и одговорен пристап, максимално сите надлежни институции да се посветат на превенцијата и на подигање на свеста кај населението за значењето на шумите, но ја нагласувам и потребата од  измени законската регулатива и максимално да се зголеми казната за сите неодговорни поединци, но, сметам, исто така, дека треба да се интервенира и во делот- целата изгорена дрвна маса единствено да се даде на располагање на ЈП Национални шуми, а не на приватни корисници, истакна Трајковски.

Раководителот на Секторот за шумарство при МЗШВ, Саша Јовановиќ, посочи дека МЗШВ дава поддршка на изработката на овој документ.

– Имајќи предвид дека шумските пожари се општа опасност за чиешто спречување сите сме заинтересирани, изразувам задоволство што денес заедно со поголем број  претставници од институциите можеме да дискутираме на оваа тема и на кој начин и што поскоро да се реставрира шумата. Секторот за шумарство е отворен за соработка со сите заинтересирани субјекти, нагласи Јовановиќ.

Втората работилница на која ќе се финализира Извештајот и препораките за реставрација на шумите ќе одржи на крајот на овој месец.