На радост на најмалите, веднаш до Основното училиште во штипската населба Баби, денеска со сечење црвена лента свечено беше пуштен во употреба нов спортско-рекреативен центар.  Градоначалникот Јорданов одовде потенцира дека му е многу драго што овој дел од градот добива како што рече „нов прекрасен лик и катче во кое ќе уживаат сите генерации“.

  • Спортско-рекреативниот центар опфаќа спортски терени кои се комплетно реконстуирани и имаат софистицирана тартан подлога, нови кошеви и голови, партерно и хортикултурно уредување на парковата површина, целосно осветлување со канделабри, рече Јорданов и информира дека ова е инвестиција од буџетот на општината, во висина од три ипол милиони денари.

Ова како што информира градоначалникот е прва фаза, а во следната со дополнителни четири ипол милиони денари ќе се разубавува останатиот дел од паркот околу игралиштата.

На свеченото отварање денеска покрај директорите на штипските јавни претпријатија присуствуваа и пратеници и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој изрази силна поддршка за штипскиот градоначалник.

  • Нема да зборувам премногу за проектот бидејќи Иван доволно кажа. Доволно зборуваат и овие млади сограѓани овде во населбата Баби кои се радуваат на овој спортски комплекс. Убеден сум дека многумина одовде ќе бидат успешни фудбалери во Бегалница или кошаркари и кошаркарки и ракометари и ракометарки. Се надевам дека набргу ќе биде готова и втората фаза и ќе може да се комплетира овој комплекс, но и ќе продолжиме понатаму да инвестираме и во останатиот дел од градот, рече Мицковски.