Со светски познатото тестирање ПИСА ќе бидат опфатени 36 ученици во Делчево

Oд СОУ „М.М.Брицо“ 36 ученици се опфатени во рамките на најголемото меѓународно истражување ПИСА кое денеска се спроведува во Делчево.

Истражувањето кое е во рамките на Програмата за меѓународно оценување на учениците опфаќа ученици на возраст од 15 години, а на државно ниво овој период ќе бидат тестирани вкупно 7800 ученици.

По повод реализацијата на тестот, денеска во Делчево престојуваше и директорката на Државниот испитен центар, Елизабета Наумовска која меѓудругото истакна дека во рамките на тестирањето се оценува подготвеноста на учениците за животот (како возрасни), се мери научната писменост, математичката писменост, писменоста за читање на учениците, како и креативно размислување на учениците.

Државниот испитен центар ги организира меѓународните тестирања за проверка на квалитетот на знаење на учениците кои ги спроведуваат меѓународни институции. Од вчера низ сите средни училишта кои следат настава на македонски и албански јазик, се спроведува регуларното тестирање ПИСА. Резултатите од ова тестирање се важен индикатор за квалитетот на образование во државава и каде сме ние во споредба со другите 85 држави на светско ниво. Сакам да истакнам дека за прв пат оваа година се приклучуваме кон светскиот тренд на електронско тестирање на учениците, за што се обезбедени компјутери од страна на Државниот испитен центар. Резултатите и опсежниот извештај од оваа студија ќе бидат објавени во декември 2023 година, нагласи Наумовска.

Пред почетокот на тестирањето, директорката Наумовска имаше работна средба со градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, на која се разговараше за значењето на успехот на учениците на меѓународниот тест ПИСА, како и за предизвиците во образованието.