Силен екот на тапан и пискот на зурли ја распара еднодецениската тишина во пробиштипската киносала „Злетовски рудар“. Со маестралната изведба на „Тешкото“ на македонскиот бисер „Танец“, вчеравечер официјално  беше ставена во функција оваа нова, модерна сала, во која пробиштипјани отсега ќе можат да уживаат во мноштво културни настани.

Директорката на Домот на културата „Злетовски рудар“, Сандра Мијалковска, истакна дека функционална и модерна кино сала е од витално значење за постојано подигање на културното ниво на населението во градот, за зачувување на старите, но и создавање на нови вредности.

– Да можат да зборуваат овие ѕидови ќе кажат многу. За многу театарски претстави, за многу одржани патрони празници на училиштата и градинката, за многу концерти и силни аплаузи и насмевки. За жал во еден период кој траеше една деценија вратите на киносалата се затворија и тоа имаше огромен негативен импакт на културно забавниот живот во градот. За среќа, благодарение на несебичниот ангажман и упорност на човекот кој ја чувствува душата на ова место, денеска повторно ја отвараме салата, истакна Мијалковска и најави разновидни културни настани во наредниот период.

 

Проектот за реконструкција на киносалата „Злетовски рудар“ инаку е со финансиска поддршка на Агенцијата за рурален развој. Чини 20 милиони денари, 17 милиони се од Агенцијата, а три се обврска на општината.