Започна реконструкцијата на водоводната мрежа на ул „Плачковица“ во Делчево

Започна реконструкцијата на дел од дистрибутивната водоводна мрежа на ул „Плачковица“ во Делчево. Реконструкцијата опфаќа замена на старите азбестни цевки со полиетиленски во должина од 400 м на дел од обиколната линија, крак 4 кој води за индустриската зона. Вредноста на работите изнесува 1.976.840,92 денари без вклучен ДДВ, односно 2.332.672,28 денари со вклучен ДДВ.  

Средствата се обезбедени преку Министерството за транспорт и врски во рамките на имплементацијата на Декадата и Стратегијата за Ромите од каде се обезбедени 2.000.000 денари, а останатите средства се обврска на Општина Делчево.

Изведувач на работите, како најповолен економски оператор, е ПАНЕЛ-М Мехаз ДООЕЛ Тетово.

Увид во работите денеска изврши градоначалникот Горан Трајковски кој истакна дека

со оваа интервенција на водоводната мрежа во Стариот дел на Делчево ќе се  превенираат честите дефекти на мрежата, загубите на вода ќе се сведат на минимум, а ќе се подобри и квалитетот на водата за пиење.

Оваа година интензивно ќе работиме на реконструкција на водоводната мрежа во Делчево и замена на старите азбестни цевки со полиетиленски. Стартуваме со реконструкцијата на ул „Плачковица“, а наредниот период, исто така, со поддршка од Министерството за транспорт и врски ќе се реконструира водоводниот систем во дел од  населбата Милково Брдо во должина од 2,3 км, дел во Ново Делчево во должина од 2 км, замена на потисен цевковод во должина од 450 м., истакна Трајковски.