Четири месеци градоначалничка функција е малку време на патот до целта која што ќе значи создавање на подобри улови за жителите на Општина Конче, но сепак доволно да се утврдат потребите и насоките по коишто ќе се одвиваат натамошните активности, смета градоначалникот на оваа општина Златко Ристов. Во една рурална средина, многу е битно решавањето на инфраструктурните проблеми, наместо жителите по работа да заминуваат надвор од општината, работата да се донесе во општината и кога иселувањето галопира со засилено темпо , мора да се преземаат и мерки со соодветна социјална политика младите да се задржат да останат и тука да засноваат семејства.Граѓаните пред се’- се моите цели и обврски како градоначалник , вели Ристов.

„Општина Конче е рурална општина, индустриски не е развиена, егзистенцијата на граѓаните главно ја гледааат во земјоделието, 80-90% од жителите се занимаваат со тутунопроизводство. Во моментов целта ни е, иако тоа не е во надлежност на градоначалникот, но во рамките на нашите можности за креирање, односно отварање на нови работни места. Сепак она што во моментов е нужно потребно е инфраструктурното уредување на општината. Тоа е градење на нови улици, нови патишта. Во моментов имаме неколку проекти коишто се во тек на градба, некои проекти завршиве но има и проекти коишто се предвидени и се во фаза на отпочнување,“ додава Ристов.

Настојуваме граѓаните да ги задржиме во општината и со работа и со живеење.

„ Имаме неколку објекти коишто се во сопственост на општината. Тоа се Домовите на културата, едниот во село Ракитец, другиот во селото Долно Липовиќ. Има и други објекти коишто не се во сопственост на општината, но се на територијата на општината. За нив ќе настојуваме максимално доколку има потреба да посредуваме за што побрзо средување на потребната документација за да бидат поедноставно достапни за заинтересирани коишто ќе сакаат да инвестираат, да гледаат иднина т.е бизнис во Општина Конче. За споменатите објекти во сопственост на општината, во разговор сме  со повеќе текстилни компании. Поголем дел од бизнисмените со коишто сме во контакт малку се во двоумење, буквално не се знае што ќе следува, како ќе се одвива ситуацијата во светот, цените, кризата, енергенсите. Меѓутоа она што зависи од нас како општина веќе е финализирано. Во контактите со неколку бизнисмени, тие не посетија, објектите се во доста добра состојба, реновирани и сметам дека за доброто на граѓаните во блиска иднина ќе овозможиме, што е можно повеќе работни места. Тоа ни е и целта,“ образложи градоначалникот.

Една од целите на општината е и да се искористат можностите што ги нуди браната Мантово. Проблемите коишто се наметнаа со забраната на водата за рекреација и наводнување, се надминати, забраната е тргната и општината ќе направи се што е во нејзината надлежност, така и да остане, секако во соработка со сите надлежни институции, вели Ристов.

„Во делот на развој на туризмот, веќе имаме комплетирано околу 10 парцели, коишто најскоро и официјално ќе бидат на продажба, што ќе биде на јавно надавање за секој еден заинтересиран. Така да во тој дел сметам дека има интерес а од наша страна ќе продолжиме да преземаме мерки да излезем во пресрет за сите кои имаам заинтересираност и желба да инвестираат. Во тек е и проект, кој започна во 2021 година а ќе заврши во 2023. Проектот е прекугранична соработка помеѓу Општина Кукуш-Туристички сојуз Струмица како партнери и Општина Конче., кој ќе финализира со одржување на вело-фестивал наредната година, вели градоначалникот Ристов.

Сепак за развој на општината и за реализирање на поставените цели, потребно е населението, пред се младите да се задржат во општината. Едни од првите мерки што почна да ги применува градоначалникот со преземањето на функцијата се социјалните мерки.

„ Ние како мала рурална општина и земајќи ги во предвид последните информации од пописот, морам да кажам дека станува збор едно поголемо иселување. Презедовме во делот на социјалната грижа пакет мерки во делот на новосклопен брак, за лица коишто имаат наполнето 35 години а немаат претходно склучен брак, општината доделува ваучер од 100.000 денари, еднократна парична помош. Исто така во делот на новороденчиња, за прво новороденче-10.000 денари, за второ дете-20.000 денари и за трето-30.000 денари. За овој дел можам да кажам дека досега за оваа година има аплицирано за четири брак. Потребно е време за постапката, мора да ги помине комисиите. Досега имаме пријавено три бебиња,“ додава Ристов.

Смета дека заедно со неговиот тим до крајот на годината со домаќинско работење нема да дозволат општината да биде блокирана од фирми и претпријатија коишто имаат побарувања.

„ Со помош на парите од концесијата од рудникот Боров Дол, мислам дека ќе ја направиме Општината Конче во едно пристојно место на живеење“ додава Ристов.