По речиси две недели отсуство од настава, учениците од Конче конечно од утре се враќаат во училиште. Се реши  проблемот со превозот на учениците, информира директорот на СОУ „Коста Сусинов“ Радовиш, Гоце Лазаров.

„ Се завршија сите активности околу организирањето на линискиот превоз Конче-Радовиш-Конче проблем има за уште едно од селата, но и тоа ќе се реши со оглед на фактот што превозот ќе го реализираат два оператора. Всушност, цената на услугата беше причината за застојот во превозот што ги остави учениците без настава, но откако Советите на Општините донесоа одлука за покачување на цените, решен е и проблемот.“ вели Лазаров.

Наместо 80 денари во еден правец, превозот Конче-Радовиш, сега таа ќе чини 120 денари.

Општина Конче одлуката за покачување на цените на линискиот превоз ја донесе на 14 март, информира градоначалникот Златко Ристов.

„Беше донесена одлука, цените на посочените релации да бидат покачени за 20-30%, но со забелешка дека доколку цените на нафтените деривати продолжат да растат, на наредната седница на советот тие ќе се корегираат. Цените за превоз во Општина Конче не биле корегирани од 2009 година,“ вели Ристов.

Проблемот со превозот, се провлекува речиси една година,со истекувањето на договорите за превоз на линиски превоз Конче-Радовиш, на 4 април 2021 год. Директорот на училиштето не склучил договор со превозниците и не направил никаков обид за решавање на проблемот, оставајќи го на товар на Општина Конче.

„Со тоа превозот на средношколците започнува да се уредува преку општина Конче без никаква надлежност, со средства преку рудникот Боров Дол и сопствени средства. За оваа намена потрошени над еден милион денари, додека од друга страна училиштата добиваат средства од Министерството за образование за превоз на средношколци,“ вели Ристов

Тој додава дека како локална самоуправа од каде потекнуваат учениците, неколку месеци се организирале во рамките на можностите, а овие денови се издадени решенија на превозниците по кој основ истите ќе склучат договор со средното училиште, коешто тоа можеше да го реши преку јавна набавка за тековната учебна година.

Што се однесува до губењето на наставата за 66-те ученици поради немањето превоз за да стигнат до училиште, директорот Лазаров, вели дека нема да има проблем со вклучување на учениците , но доколку има потреба , ќе може да се организира и дополнителна настава.

Проблемот со учениците кои што поради немањето на превоз до училиштето, за што законски имааат право, не одеа на настава   речиси две недели го актуелизираше Сојузот на средношколци, кои побараа решение, т.е да помогнат во носењето на решение, за надминување на овој проблем.