Скок на цената на такси превозот од 50 на 80 денари бараат гевгелиските таксисти

На седницата на Советот на Општината Гевгелија закажана за вторник, 15-ти март, ќе се најде и барањето на такси компаниите, кои бараат поскапување на такси превозот.

Поради растот на цените на горивата таксистите од Гевгелија бараат зголемување на  цената за старт од сегашните 50 да се зголеми на 80 денари и за секој нареден километар наместо досегашните 23 да се наплаќа по 33 денари. За чекање наместо 4, цената да се зголеми на 6 денари од минута.

Такси превозниците бараат да се воведе и ноќна тарифа за периодот од 22 до 6 часот наутро со стартна цена од 90 денари плус 35 денари за изминат километар, како и празнична тарифа со старт од 100 денари плус 40 денари за изминат километар.

Дополнителен аргумент на таксистите е и тоа што цената не е променета веќе 4 години, а цените  на горивата постојано се менуваат.

Освен промената на цената, таксистите од Гевгелија бараат општината да обезбеди дополнителен паркинг простор на неколку локации во градот, како и укинување на задолжителната жолта боја на такси возилата.