Струмица во сабота станува центар на карневалџиите и раскошните маски

Сабота (5 март) во Струмица ќе е одржи главното карневалско дефиле по струмичките улици, кога се очекува да продефилираат 20-тина карневалски групи од Македонија, Србија и Грција.

Струмица веќе го почна карневалско празнување, со предавањето на клучот на градот од страна на градоначалникот Костадин Костадинов на претседателот на карневалскиот одбор Александар Цицимов. Во присуство на претставници на повеќе карневалски групи кои беа облечени во маски, градоначалникот на Струмица Костадинов клучот го донесе со марш од мажоретки и музика од градскиот оркестар.

-Нема ништо поубаво од чувството на задоволство, поради фактот дека Струмица и струмичани остануваат верни на негувањето на својата вековна традиција под маски. По пауза од две години, поради пандемијата од Ковид – 19, овој наш град повторно има причина да се радува и со полни гради да ги живее еднонеделните Карневалски свечености, рече градоначалникот Костадин Костадинов во своето обраќање.


Потоа беше промовирана монографијата за 30- годишниот карневал во организирана форма ,, Струмичко чудо,, од авторите Александар Цицимов и Катерина Милушева.

Се одржаа и два концерти под маски на музичкото училиште „Боро Џони“. Според програмата, во недела на Прочка е детскиот карневал, во понеделник по струмичките улици ќе се дели посен грав за почеток на постите.

Традиционално се доделуваат награди и за најдобрите маски, афоризми и карикатури со еротска содржина и литературни творби. Веќе во среда Струмица ќе го одбележува Тримери,  празникот на армасаните, за кој се врзува карневалот.