Мотивирање на учениците за школување во средното стручно образование и поголема активност на наставниците, се целите кон кои ќе се води Општина Македонска Каменица во унапредување на образовниот процес во Средното општинско училиште „Миле Јаневски Џингар“. Ова го кажа градоначалникот Димче Атанасовски на регионалната средба во Делчево на кампањата на Министерството за образование за промоција на средното стручно образование „Учи паметно, работи стручно“.

Освен тоа, како што рече градоначалникот Атанасовски, во завршна фаза е Правилникот за еднократна финансиска поддршка на ученици кои ќе се запишат во прва година во „Миле Јаневски Џингар“,а се подготвуваат и нови Правилници за стипендирање на талентирани ученици и награди за нивните ментори, за стипендирање на ученици од социјално ранливи семејства.

-Подготвуваме соодветни Програми за практиканство и волонтерство на ученици од Средното училиште во проекти кои се реализираат од страна на Општина Македонска Каменица. Подготвени сме и ќе инвестираме и во подобрување и модернизација на просторните капацитети на училиштето, како и во обезбедување на соодветни материјали и помагала за квалитетна реализација на образовниот процес, рече Атанасовски.

На настанот кој се реализира со поддршка на Швајцарската амбасада во Скопје учествуваа државниот секретар во МОН, Анета Трпевска, и градоначалниците на Делчево и Берово, директори од средните стручни училишта, како и претставници од бизнис-секторот од регионот.