Во периодот од 24 – 27 март, Општина Дојран ќе се претстави на саемот за туризам кој ќе се одржи во Белград, Република Србија. Тоа беше причината за средбата што се одржа деновиве, во општината.На заедничка маса седнаа директорот на Агенцијата за туризам, угостителите, и хотелиерите кои функционираат на територија на општината и беа договорени деталите за нашата презентација на саемот.

Во следниот период ќе се организираат средби со приватните сместувачки капацитети, кои ќе имаат можност да ги достават нивните промотивни материјали за саемот.

„На површина од 30.753 м2, со повеќе од 1000 изложувачи и просечно над 65.000 посетители, саемот за туризам во Белград претставува еден од најголемите и најпосетените во регионот. Несомнено е дека Србија претставува значаен туристички пазар пред кого треба добро да се претставиме, не само поради српските транзитни туристи кои од година во година ги имаме се повеќе, туку и поради фактот што Дојран станува примамлива дестинација за нив и за подолг престој, одмор и релаксација,’ информира градоначалникот на Општина Дојран Анго Ангов.

„Во текот на саемските денови, планирана е и организација на традиционална дојранска вечер, каде ќе понудиме дојрански специјалитети од риба, икра, маслинки, слатко од смокви и сето тоа зачинето со веќе препознатливата дојранска музика. Подготвивме бројни презентации, фотографии, видео спотови, флаери и брошури. Убедени сме дека и годинава штандот на општина Дојран повторно ќе биде меѓу најпосетените и најинтересните,“ верува Ангов.