Општина Крушево, спомен куќата „Тодор Проески“, крушевчани и фановите на Крушево од државата и Балканот одбележуваат уште еден роденден на музичката ѕвезда која во 2007 година во сообраќајна несреќа го загуби својот живот.

„Тоше ни остави многу љубов, ни остави добри дела, ни остави музика која вечно ќе се слуша и пренесува на наредните генерации. Тоше Проески ни остави пример како да живееме, како да се почитуваме, како да правиме добри дела, да практикуваме толеранција и заеднички живот за поубав град, поубава општина, поубава држава.“, изјави градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски во своето обраќање во спомен куќата „Тодор Проески“.

Овој ден беше одбележан во знакот на хуманоста, она на што Тоше Проески го посвети целиот свој живот.

„25-ти јануари го одбележуваме и како Ден на хуманоста. Поводот за тоа е секако Тоше и целата негова позната и непозната хуманост. Затоа, за да го одбележиме овој ден со спомен куќата „Тодор Проески“ подготвивме и хуманитарни активности, односно финансиска помош на неколку семејства од општината, а во тек е и крводарителска акција, како дел од многубројните активности. Оваа година на сите граѓани на Крушево и посетители на спомен куќата овозможивме да учествуваат во хуманитарната акција со тоа што ќе донираат финансиски средства. Денес тие донирани пари се враќаат кон оние на кои најмногу им треба.“, порача градоначалникот на општина Крушево.

Одбележувањето на овој ден започна со средба со претставници од Управата за развој и унапредување на образованието на заедниците со фокус на унапредување на образованието на влашката етничка заедница. Втора година по ред Управата обезбедува пакетчиња за учениците од 3-то одделенио од ООУ „Никола Карев“ Крушево кои изучуваат влашки јазик и за децата во детската градинка „Гонча Туфа“.

Делегации на општина Крушево и спомен куќата положија цвеќе на гробното место на Тоше, а целодневна програма се одвива во НУ спомен куќа „Тодор Проески“ која вклучува музички и литературни активности.

Во изјавите за медиумите градоначалникот Христоски порача дека 25-ти јануари е и ден на хуманоста во Крушево и аплеира овој ден да се одбележува на територија на цела држава.