На меѓународниот ден на образованието, Крушево може да се пофали со повеќе реализирани проекти, кои што значат поквалитетно образование но и поголема достапност на тоа образование до учениците, порача крушевскиот градоначалник Томе Христоски.
„Меѓународниот ден на образованието го одбележуваме со неколку завршени и тековни проекти од областа на образованието. Можеме да кажеме дека вложуваме во иднината на општина и државата преку подобрување на условите за воспитно-образовниот процес. На тој начин ќе поттикнеме мотив кај младите и учениците за учење и постојана надградба, за да станат гордост на општина Крушево. Изминатава година ја завршивме со реновирање на подрачното училиште во с. Борино. Ја започнавме реконструкција на фискултурната сала во ООУ „Никола Карев“ Крушево и целосна промена на кровната конструкција, “образложи Христоски.
Тој додава дека 2022-ра година ќе биде година на образованието.

„Во тек е процедура за реконструкција и доградба на училиштата во Пресил и Бучин, а општината работи на проекти за реконструкција на училиштата во Алданци и Врбоец.
Влогот во образованието е влог во иднината. Никогаш не престанувајте со учење. Чекорете самоуверено кон успехот и не подлегнувајте на неправдите. Образованието е нашата иднина,“порача крушевскиот градоначалник до своите сограѓани.