Отворени врати на „Амфенол“ во Македонска Каменица

Можноста за проширување на компанијата „Амфенол“ на територијата на Општина Македонска Каменица беше тема на разговорите што градоначалникот Димчо Атанасовски ги имаше изминатата недела со раководството на компанијата.
„Амфенол“ има свој погон во Кочани, каде од пред некој месец неколку десетина каменичани почнаа да работат и секојдневно патуваат до капацитетот.

-Со раководството на „Амфенол“ разговарав за можноста за проширување на производните капацитети на компанијата во Македонска Каменица, при што им укажав на низа поволности кои нашата Општина е подготвена да им ги понуди на потенцијалните инвеститори. Приоритет ми е да ги поттикнеме инвеститорите да инвестираат во Македонска Каменица и за таа цел, заедно со мојот тим, работиме на подготовка на низа мерки кои дополнително би го мотивирале приватниот сектор да започне нов или да го проширува својот бизнис токму кај нас, кажа градоначалникот Атанасовски.
Како што најавува општината, промоцијата на Македонска Каменица како подрачје за нови инвестиции останува приоритет. Во оваа општина поради ковид кризата беа затворени неколку конфекциски капацитети, по што работниците продолжија да работат во околните градови. Намерите на општината се преку отворање на нова фабрика на „Амфенол“ во Македонска Каменица да се обезбедат работни места за дополнителен број на невработени.