Штипјани нема да останат без вода, но управната здрада на ЈП Исар би можела да остане без струја по раскинувањето на договорот со приватниот добавувач

Штипјани нема да останат без вода, но управната зграда би можела да остане без струја откако приватниот добавувач за струја на штипски Исар еднострано го раскина договорот за струја, поради неисплатени долгови од над 30 милиони денари.

Сега ЈП Исар е краен потрошувач на мрежата на ЕВН Хоум, но одовде струја ќе може да зема само 90 дена. Во следниот период претпријатието ќе распише нова постапка за друг добавувач, но директорот вели прашање е дали по моменталните цени воопшто ќе се јави некој од приватните добавувачи.
Доколку не се јави никој, треба да побараат од Бирото ја јавни набавки дозвола да одат на директно преговарање со некој приватните добавувачи.

Според новите цени, претпријатието ќе плаќа минимум четири пати повисока цена на струјата од онаа што ја плаќале досега.

– Ако досега сме плаќале четири или 4,5 милиони денари, сметката за јануари ќе биде минимум 15 милиони денари, вели директорот Здравков.

Освен овој долг кој добавувачот на струја, претпријатието пет години не плаќало ниту денар за кредит кој го има земено пред 20 години. На почетокот на минатата година бил склучен договор секој месец претпријатието да плаќа по 3,7  милиони денари, што според директорот е преголем товар дури и за многу финансиски постабилни претпријатија.

– Испаѓа дека изминатите години претпријатието функционирало на грејс период, некој склучувал договори, трошел, а сега доаѓа долгот да се плаќа, вели Здравков.

Тој е категоричен дека претпријатието отсега ќе работи одговорно и ќе се труди максимално да одговори на главните дејности – навремено водоснабдување, редовно чистење на сметот и одржување на зелените површини.

Штип инаку се уште ги чека анализите за пуштање на водата од ХС Злетовица. Сега се чекаат одговори од анализите од ИЈЗ во Скопје, а потоа треба од АХВ да добијат дозвола за да се пушти водата. Претпријатието по сите дозволи е спремно и технички и со обучен персонал, да ја прими водата од Злетовица.

– Доколку бидеме на таа вода од ХС Злетовица, трошоците за струја според нашите анализи по оваа висока цена би биле исти како претходно кога немаше енергетска криза. Доколку се намали цената на струјата пак, претпријатието ќе плаќа драстично помала цена, вели Здравков.