Младинскиот културен центар прослави цели 49 години постоење со стрим на концертот кој летово се одржа во зградата на Пошта, од страна на украинскиот композитор Љубомир Мелник.

Овој концерт Мелник го оцени како најдобар акустичен простор во кој тој некогаш музицирал. По повод концертот тој изјави: „Минатата вечер беше навистина прекрасна за мене. И просторот, старата пошта, никогаш претходно не сум видел такво нешто. Надворешната и внатрешната архитектура е како да сте во свет од соништата, волшебно“, рече Мелник.

Инаку Љубомир Мелник е еден од најфасцинантните пијанисти и композитори на нашето време. Беше наречен „Пророк на пијано“ поради неговата животна посветеност на инструментот и за неговата работа во поместувањето на границите на тоа што може да се направи со него. Во средината на 1970-тите, додека живееше во Париз, тој создаде „Континуирана музика“ – тотално нов јазик за пијано, кој бара неверојатни технички способности, кои го користат целиот природен глас на пијаното. Може веднаш да се препознае дека оваа музика е основана во традиционалната класична техника за пијано, со сеќавање на Лист и Брамс, но исто така содржи многу влијанија од источната филозофија, како и минималната музика, комбинирајќи ги во прекрасна мешавина на модерни романтични хармонии и мелодии. Користејќи ги неговите извонредни пијано способности за да генерира над 19,5 ноти во секунда во секоја рака, тој е најбрзиот пијанист некогаш снимен. Од раните 1970-ти произведе неверојатен опус од повеќе од 120 дела, повеќето за соло или двојно пијано и отвори целосно нови патеки во современата музика.

МКЦ  на Фејсбук објавија дека со концертот на Мелник прослауваат 49 ти роденден и слават уметност.

„Среќна Нова година и среќни празници од тимот на МКЦ! – Бидете спремни, цела 2022 е резервирана за јубилејот“, стои во објавата.

Уживајте во концертот на Мелник.